Центар за развој на Југоисточниот плански регион е еден од осумте центри во Република Македонија формиран според Законот за рамномерен регионален развој, опфаќа 10 општини од регионот, се простира на територија од 2835 км2, со население од 171 416 жители.
Планирањето на регионалниот развој во Југоисточниот плански регион претставува еден од основните чекори кон исполнувањето на мисијата на регионалниот центар за развој, а во исто време и започнување на процесот на регионалниот развој кој претставува процес на идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали на Југоисточниот плански регион.
Политиката на регионалниот развој на Југоисточниот регион е систем на цели, инструменти и мерки насочени кон намалување на регионалниот диспаритет и остварување на рамномерен и одржлив регионален развој, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, оптимално користење и валоризирање на природното богатство, човечкиот капитал и економските особености на различните региони, зачувување и развивање на посебниот идентитет на планските региони, како и нивна афирмација и развој, ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби, поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој и подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани во регионот.

Центарот за развој на планскиот регион ги врши следниве работи:
• ја изготвува предлог-програмата за развој на планскиот регион,
• изготвува предлог-акционен план за имплементација на Програмата за развој на планскиот регион,
• подготвува предлог-проекти за развој на планскиот регион и за подрачјата со специфични развојни потреби,
• ги координира активностите поврзани со имплементацијата на Програмата за развој на планскиот регион и ги реализира проектите за развој на планскиот регион,
• обезбедува информации до заинтересираните страни за текот на реализацијата на Програмата за развој на планскиот регион и други прашања поврзани со регионалниот развој,
• обезбедува стручна и техничка помош за единиците на локалната самоуправа при подготовката на нивните програми за развој,
• обезбедува стручни услуги на здруженија на граѓани и други заинтересирани страни за подготовка на проекти од областа на регионалниот развој,
• ја поттикнува меѓуопштинската соработка во рамките на планскиот развој,
• спроведува проекти за поттикнување на развојот на планскиот регион, финансирани од фондовите на Европската унија и други меѓународни извори,
• врши промоција на развојните можности на планскиот регион и
• врши стручни и административно-технички работи за потребите на советот за развој на планскиот регион.







За Центарот