На 09 април во Делчево се одржува меѓународен симпозиум посветен на потенцијалите за алтернативен туризам во Македонија.
На учесниците на симпозиумот срдечно добредојде и успешна работа им посака градоначалникот на Делчево Горан Малешевски, а свое обраќање имаше и министерот за локална самоуправа Муса Џафери, како и претседателот на Советот за развој на Источниот плански регион и градоначалник на Кочани Ратко Димитровски, градоначалникот на општина Василево Г-н Ванчо Стојанов како претставник од Советот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-ѓа Вибке Отенбрајт, заменик директор на ГТЗ РЕД и Г-н Бисер Михаилов, заменик раководител на Благоевградската област од Република Бугарија.
Г-ѓа Отенбрајт од Германската техничка помош пред присутните се заложи за поголема прекугранична соработка и за квалитетни проекти, чија имплементација ќе го поттикне развојот на алтернативниот туризам, но и целокупниот развој на поширокиот регион.
На претпладневната сесија на симпозиумот говореше и Михаел Крамер, пратеник во Европскиот парламент и основоположник на велосипедскиот туризам во Германија и во Европа. Тој посебно се осврна на европската велосипедска тура „Патека на железната завеса".
Г-н Михаилов имаше излагање на тема "Развој на туризмот во Благоевградската област-политики, стратегии, финансирање". За стратегијата за развој на туризмот, законската регулатива на таа област во Република Македонија излагање имаше Зоран Николовски, раководител на Секторот за туризам и угостителство, при Министерството за економија. Зоран Стрезовски од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот имаше излагање на тема "Како да се развие и промовира велосипедскиот туризам во Македонија".
Практичното искуство за развој на алтернативниот туризам со присутните на симпозиумот го споделија повеќе претставници од Србија, Бугарија, Германија и Македонија.
На крај беше потпишан меморандум за разбирање и прекугранична соработка помеѓу Центрите за развој на Југоисточниот и Источниот плански регион од Република Македонија , Обласната администрација на област со административен центар Благоевград и Здружение на Југозападни општини од Република Бугарија. 
За работата на симпозиумот во Делчево имаше голем медиумски интерес. Присутни беа десетина новинарски екипи од Македонија и од соседна Бугарија. За учесниците на Меѓународниот симпозиум беше приредена и богата културно-уметничка програма, како и презентација на домашни ракотворби и дегустација на традиционални македонски јадења.
Вториот ден од овој настан беше организирана промотивна тура на која група од 40тина велосипедисти возеа од Берово до Колешино, односно околку 70 км или 1% од вкупната должина на Патеката на
Железната Завеса.
Во Колешино велосопедистите ги пречека и ги поздрави градоначалникот на општина Ново Село. Истите имаа можност да видат богата културно- уметничка програма и изложба од 30тина фотографии на тема „Историјата на велосипедизмот во Македонија“. Пред присутните свое обраќање имаше и Г-н Крамер. Со ова заврши тродневниот настан „Патеката на Железната завеса” - Развивање на потенцијалите за алтернативен туризам во Македонија.





