На 05.06.2010 година, сабота, на плоштадот Македонија во Скопје во периодот од 12 до 17 часот година се одржа промоцијата на Југоисточниот плански регион во рамките на проектот “Сакај ја Македонија, уживај во својата татковина” во организација на ЗЕЛС, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за локална самоуправа.
Овој проект започна со имплеметација на 08.05.2010 година при што сите осум регион од Република Македонија имаат можност да се промовираат секоја сабота т.е да ги промовираат своите специфики, активности, можности, потенцијали и др.
Со слоганот „Југоисточниот регион – празник за сите ваши сетила“, ВИДЕТЕ, СЛУШНЕТЕ, ВКУСЕТЕ, ПОМИРИСАЈТЕ, ДОПРЕТЕ... сакаме да ги разбудиме сетилата на сите присутни на настанот и на целата земја за да го видат богатството кое го има овој регион.
„Види ја историјата преку непроценливото богатство од археолошките локалитети како Исар, Вардарски Рид, Римската терма, кои сведочат за животот на овие простори низ вековите и милениумите наназад. Види ги природните убавини, Дојранското Езеро, езерото Мантово, Моноспитското Блато и планината Кожуф, снежната белина со новиот модерен ски центар, на границата меѓу темпераментниот Југоисточен и живописниот Вардарски регион.
Слушни го жуборот на чистата планинска вода која тече низ прекрасните водопади во Смолари, Колешино и Габрово, опкружени со чистотата на недопрената природа. Слушни ја песната и музиката преку најстариот и најпознатиот фестивал на народни песни Фолк фест Валандово, слушни ја песната и смеата низ улиците за време на Струмичкиот карневал, звукот на занаетчиите од дуќаните.
Овој регион е производствената фабрика на Република Македонија и одовде се храни целата наша држава. Вкуси ги плодовите од најплодната македонска почва, раноградинарските производи од стаклениците и пластениците, грозјето, калинките и смоквите... Ќе ве даруваат со здравје.
Помирисај го свежиот планински воздух од планината Беласица, тромеѓето каде се спојуваат три држави, покриено со снежна убавина или зелен спокој. Југоисточниот регион е вистински рај со чиста, најмалку загадена околина во Македонија. Наспроти планинскиот мир, помирисај го предизвикот на рулетот и отмениот сјај на блескавите казина, каде се бранува душата од адреналинот и мирисот на парите.
Допри ги прастарите ѕидини на црквите и манастирите за воспоставување на духовен баланс меѓу минатото и сегашноста, црквата Света Тројца во Радовиш, живописниот предел на Трибичино со една од најстарите цркви, манастирите во Конче, Вељуса и Водоча. Допри ја уметноста и филигранот од златниот накит обликуван од вредните раце на вештите мајстори.
Да ги прошириме хоризонтите, да го споиме неспоивото, да го изградиме неизграденото, да го создадеме она за што сме сонувале, да сме дел од најдобрите, да ги промовираме вредностите со кои се гордееме... Ова е визијата на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, носител на регионалниот развој, промотор и двигател на идејата за Европски регион и Европска Македонија.
Почитувани посетители, драги наши пријатели, голема чест и задоволство ми е што сте денеска овде наши гости за да почуствувате дел од духот на Југоисточниот регион и можностите што тој ги нуди. Ние, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион заедно со десетте општини кои се дел од него, секојдневно се залагаме да од нашиот регион создадеме бренд препознатлив по уникатните богатства и долгогодишната традиција која ги нуди, не само во Македонија, туку и надвор од неа. Голема благодарност до ЗЕЛС и МЛС како организатори, а посебно до ГТЗ РЕД како подржувачи во сите наши активности што ни овозможија нам да се промовираме, а вам да уживате денеска во благодетите на Југоисточниот регион. “ – рече раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова во поздравниот говор на отварањето на овој промотивен настан.
Покрај изработката на флаери и друг промотивен материјал од страна на ЦРЈИПР, беше посветено големо внимание на функционалниот спој на активностите од технички и програмско-организационен аспект. Обезбедувањето на сите неопходни параметри резултираше со извонредна промоција на Југоисточниот регион која предизвика голем интерес и комплименти. Манифестацијата имаше двајца водители (Ѓорѓи Калајџиев и Бранко Бенинов) кои со одлична комуникација направија убав баланс меѓу сценскиот културно-уметнички дел и штандовското преставување. На самиот настан имаше вкупно 17 штанда, на кои се претставија 17 фирми од ЈИ регион кои успееа да доловат се што е најважно во самиот регион и плус со промотивни настани беа претставени Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со општините од регионот и ЗЕЛС.
Благодарение на ваквиот начин на претставување односно штандовското претставување, се успеа да се воспостават одредени контакти најпрво меѓу себе од страна на самите изложувачи –учесници, а потоа посетителите кои покажаа огромен интерес за нивните производи. Тоа може да се поткрепи со фактичката состојба од која многу изложувачи направија првични преговори за соработка, што значи во иднина би требало да очекуваме дистрибуција на производите од ЈИ регион на пазарите низ цела Македонија, па и пошироко затоа што на самото место имавме доста туристички групи и од странство кои со огромно задоволство ги дегустираа самите производи и беа воодушевени од вкусот и квалитетот на производите.
Во делот на културната програма за мене беше огромна чест да бидам дел од колачот што се вика културата на ЈИ регион. Да се биде на сцена со љубовта дадена од страна на квалитетните културно уметнички друштва „Браќа Толеви“ од Гевгелија, „Ацо Караманов“ од Радовиш и „Цветови“ од Конче, каде што се негува аматеризмот кој доаѓа од зборот амор или љубов е огромно задоволство. Што се однесува до потребата да се излезе од сопствената кожа и да се стане некој друг, карневалската маска од општинското основно училиште Маршал Тито, го крена адреналинот на највисоко ниво со прекрасните маски изработени од самите учесници и ритамот на прекрасната карневалска химна која веќе е позната во целиот свет. Професионализмот на големите мајстори на сцената како што се Горан Кукиќ, Костадин – Дине Стојанов, група Болеро, ди-џејот Ерик Фокс, кралот на македонската музика перкусионистот Зоран Маџиров и големиот актер Мите Грозданов даде посебен белег и печат со кој ЈИ регион успеа да го скрене вниманието на повеќе илјадната публика.
Посебен белег на настанот му дадоа и балоните со логото на Југоисточниот регион и маиците направени специјално за настанот со логото I
SEregion.
Реакцијата од посетителите на настанот беше целосно позитивна, а посебно впечатливи беа комплиментите од ЗЕЛС и други релевантни фактори, кои укажуваа дека промоцијата на Југоисточниот регион била подобра од претходните три промо настани од овој проект и дека наметнува високи стандарди за промоциите на преостанатите четири региони.







Past projects